НАМЕСТО НОВИ ТАБЛИЦИ, МВР НАБАВИ НАЛЕПНИЦИ – Ознаката “NMK“ граѓаните можат да ја купат за 41 денар, а нови таблички за 637 денари

Министерството за внатрешни работи (МВР) набави налепници со натписот „NMK“ за регистарски таблички за сите оние возила кои се уште имаат таблички со старата ознака „МК“.

Тендерот го доби фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“ која ќе ги изработува табличките и налепниците за возилата. Договорот е за период од три години, а набавката изнесува речиси 2,3 милиони евра.

За потсетување, оваа обврска произлегува од договорот од Преспа, што Македонија го склучи со соседна Грција, а истиот резултираше и со промена на уставното име на државата во Република Северна Македонија.

Земјата има рок од пет години, односно до 12. февруари 2024 да ги промени документите. Министерството за внатрешни работи се одлучи наместо нови таблици со ознака „НМК“, возилата да добијат само налепници.

Единечната цена на пар таблички е 540 денари плус 97,2 денари ДДВ. Или, вкупно 637,2 денари. Налепниците, зависно од големината се во вредност од 29,5 денари до 41 денар. Како што е наведено во рамковната спогодба со „Квантум“, налепниците со димензии 99×42 милиметри и со 63х37 милиметри чинат 35,4 денари; оние со 85х40 милиметри – 41,3 денари; а најмалите 48×18 милиметри се и најевтини – 29,5 денари. Овие цени се предвидени за две налепници односно и за предните и за задните регистарски табличи.