Наместо оставки, членовите на Судски совет оправдуваат пресуди од две години затвор за убиство на млада девојка на пешачки, велат од ВМРО
Членовите на Судски совет со изгласана недоверба, наместо да поднесат оставки, оправдуваат пресуди од две години затвор за убиство на млада девојка на пешачки. Судството уште еднаш покажа дека не работи во заштита на правдата и во корист на граѓаните, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Со вчерашната постапка, Судскиот совет само го потврди ова. Судски совет се стави во служба и заштита на судија за кој човечкиот живот вреди само две години затворска казна. Тие го штитат судијата кој на возач, кој прегази и усмрти млада девојка која поминувала на пешачки, му пресудиле бедни две години затвор и го покриваат неговиот срам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Се додава и дека овие членови на Судски совет, сите до еден се луѓе на Зоран Заев, кои се избрани од претходната влада на СДС и ДУИ, кои сега здружно ја газат правдата и ја уриваат државата. Токму ова, велат од ВМРО-ДПМНЕ, и беше причината поради која и им беше изгласа недовербата. Но тие, не знаејќи за срам, морал и интегритет, наместо да поднесат оставки, со изгласани интерпелации продолжуваат да прават неправда, се додава.
Судскиот совет вчера ја разгледа пресудата за возачот кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска во Тетово со која беше осуден на две години затвор. Се наведува дека според законот, забрането е менување на пресудата на полошо за обвинетиот во ситуација само кога тој поднел жалба.
„Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, пишува во соопштението.
Инаку, по првата пресуда од 3,5 годишна затворска казна само обвинетиот поднел жалба, а не и Обвинителството.
Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Последната пресуда за Пајазити е 2 години затвор, на што јавноста жестоко реагираше, а Судскиот совет побара увид во пресудата и ја оправда.