Цената на суровата нафта во светот порасна по израелскиот напад врз Иран, а како што објавува Би-Би-Си, трговците се загрижени дека конфликтот меѓу Иран и Израел би можел да ги наруши испораките од регионот богат со нафта.
Се вели дека цената на нафтата влијае на сè, од цените на бензинот до цените во продавниците за храна, а аналитичарите велат дека трговците ќе го следат конфликтот во наредните денови.
„Тоа би можело да ескалира во поголема војна што ќе ги наруши испораките на нафта на Блискиот Исток“, рече Вандана Хари од „Ванда Инсајдс“.
Се наведува дека во екстремен сценарио, Иран би можел да ја наруши испораката на милиони барели нафта дневно ако целите на израелските напади се инфраструктурата или сообраќајот во Ормутскиот теснец, кој се смета за еден од најважните светски бродски патишта, низ кој минува околу една петтина од светската нафта.
Во секое време, има неколку десетици танкери на пат кон или од Ормутскиот теснец, бидејќи тука главните производители на нафта и гас на Блискиот Исток и нивните клиенти транспортираат енергија од регионот. Ормутскиот теснец го поврзува Заливот со Арапското Море.
„Во текот на следните еден или два дена, пазарот ќе мора да размисли каде ова би можело да ескалира“, рече Саул Кавоник, раководител на енергетските истражувања во MST Financial.