НАПОЛИ ГО ЗАБОРАВИЛЕ ТРЕНЕРОТ ПО ПОРАЗОТ !? Тимскиот автобус заминал, а Италијанецот среде ноќ морал да се вози со такси 220 километри

Наполи загуби од Рома, па го заборави тренерот на стадион! Валтер Мацари (62 г.) среде ноќ морал да плати такси од Рим до Неапол, пишува италијанскиот весник Republica. Според нив, тимскиот автобус заминал без него и се чини дека никој од луѓето внатре не забележал дека го нема првиот човек на стручниот штаб.

Во текстот се наведува дека Валтер Мацари предолго останал по натпреварот на прес-конференцијата и другите обврски што ги имал кон медиумите, а за тоа време заминал тимскиот автобус. Затоа тој морал да плати такси. Растојанието меѓу двата града е околу 220 километри, така што тоа возење секако не било евтино. Клубот најверојатно ќе му ги надомести трошоците.

Што се однесува до натпреварот, Рома на домашен терен славеше со головите на Лоренцо Пелегрини (76. минута) и Ромелу Лукаку (96. минута). Исто така, треба да се додаде дека гостите го завршија натпреварот со девет играчи. Најпрвин директно црвен картон доби Матео Политано во 66. минута, а потоа Виктор Осимен во 86. минута доби втор жолт картон и мораше предвреме да замине во соблекувалната. На крајот се радуваше Жозе Мурињо.

Наполи, кој минатата сезона ја освои титулата, годинава тешко се мачи во Серија А. Моментално е на 7-та позиција со 27 бодови, првото место Интер има 44 па јасно е дека шансите за одбрана на титулата се речиси невозможни. Инаку, Валтер Мацари на клупата на Наполи дојде во средината на ноември откако го замени Руди Гарсија, кој доби отказ.