НАСА и Гугл тестираат медицински асистент со вештачка интелигенција за астронаутски мисии на Месечината и Марс
Американската вселенска агенција НАСА и компанијата Гугл соработуваат за тестирање на медицински асистент напојуван од вештачка интелигенција, кој е дизајниран да ги поддржува астронаутите за време на долги мисии, каде што доцнењата во комуникацијата со Земјата ги оневозможуваат медицинските консултации во реално време.
НАСА, која е посветена на новата ера на човечки вселенски летови во својата програма „Артемис“, соработува со Google за да тестира концепт наречен Дигитален асистент на медицински службеник на екипажот (CMO-DA), кој е дел од Системот за поддршка на клинички одлуки (CDSS).
Дигиталниот асистент би им обезбедувал медицинска поддршка на астронаутите за време на нивната работа надвор од ниската Земјина орбита, како што се мисиите на Месечината и Марс, овозможувајќи им на екипите независно да дијагностицираат и лекуваат симптоми.
„Обучен според литературата за вселенски летови, системот за вештачка интелигенција користи најсовремени техники за обработка на природен јазик и машинско учење за безбедно обезбедување анализи во реално време за здравјето и перформансите на екипажот“, изјавија претставници на Google.
Според соопштението, раните резултати укажуваат на можност за сигурни дијагнози врз основа на пријавените симптоми. НАСА и Гугл сега работат со лекари за понатамошно тестирање и подобрување на моделот.
Мисиите во длабоката вселена, вклучувајќи ги и оние на Месечината или Марс, можат да вклучуваат доцнења во комуникацијата, понекогаш и до 45 минути за двонасочно пренесување на сигнал од Црвената планета, што ги прави консултациите во реално време невозможни. Брзо враќање на Земјата во такви случаи не е можно.
Значи, асистент со вештачка интелигенција на вселенски брод би можел да помогне во премостувањето на таа критична празнина. Оваа технологија би можела да се користи и во оддалечени и тешки средини на Земјата, каде што пристапот до обучени медицински професионалци е ограничен.