НАСА открива дека патувањето во вселената може да го забрза стареењето

Човечките крвни клетки што биле испратени во вселената почнале да ја губат својата способност да создаваат нови здрави клетки, што е знак на забрзано стареење, покажала студијата.

Одењето во вселената може да го забрза биолошкото стареење, според нова студија која ги следела промените во човечките матични клетки за време на четири вселенски мисии.

Студијата, која беше поддржана од американската вселенска агенција НАСА, откри дека крвните клетки што беа испратени во вселената изгубија дел од својата способност да создаваат нови здрави клетки и почнаа да покажуваат генетски оштетувања, што се знаци на забрзано стареење.

„Вселената е врвен тест за стрес за човечкото тело“, вели д-р Катриона Џејмисон, еден од авторите на студијата и директор на Институтот за матични клетки „Санфорд“ на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, САД.

Тимот на Џејмисон користел алатки напојувани од вештачка интелигенција (ВИ) за да ги следи промените во реално време во човечките клетки кои биле испратени на четири мисии на SpaceX до Меѓународната вселенска станица (ISS), пишува euronews .

Тие користеле хематопоетски матични и прогениторни клетки (HSPC), кои се одговорни за производство на крвни клетки, што ги прави клучни за здравјето на луѓето, вклучително и за функцијата на имунолошкиот систем.

Кога овие клетки останале во вселената од 32 до 45 дена, тие почнале да ја губат својата способност да создаваат нови здрави клетки, покажала студијата.

Знаците на молекуларна ерозија, на пример оштетување на ДНК и пократки теломери, исто така стануваат поочигледни.

„Овие наоди се исклучително важни бидејќи покажуваат дека стресорите на вселената – како што се микрогравитацијата и галактичкото космичко зрачење – можат да го забрзаат молекуларното стареење на матичните клетки во крвта“, рече Џејмисон во соопштението.

Имено, кога овие клетки биле вратени на Земјата и сместени во поздрава средина, дел од штетата почнала да исчезнува, според студијата, која е објавена во списанието „Cell Stem Cell“.

Инаку, наодите ја истакнуваат потребата од нови мерки за заштита на здравјето на астронаутите за време на продолжените вселенски мисии.