Насер Зибери: “Има елементи на повреда во однос на пречекорување на овластувањата на полицијата во Идризово“
Народниот правобранител во извештајот за случувањата во затворот „Идризово“ кога беа повредени полициски службеници и затвореници констатирал пречекорување на овластувањата на полицијата.
„Заврши процесот на обработка на видео записите и извештајот ќе го дадеме. За жал, има елементи на повреда на правата во смисла на пречекорување на овластувањата на припадниците на полиција“, изјави денеска народниот правобранител Насер Зибери, одговарајќи на новинарско прашања по конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над безбедносниот сектор од аспект на заштита на правата на граѓаните“.
Прашан дали тоа е причината за настаната ситуација во затворот Идризово, Насер Зибери вели дека не е сигурен дали тоа е единствената причина.
„Јас гледам од перспектива на заштита на правата на затворениците, како е дојдено, зошто е дојдено, дали е добро организирано, одговор треба да дадат тие, а ние веќе се обративме до надлежните служби да добиеме целосна слика за акцијата“, вели Насер Зибери.
Претресот во полуотвореното одделение во затворот „Идризово“ беше спроведен последниот викенд од октомври кога дел од затворениците пружиле отпор по што биле совладани од страна на полицијата. Во претресот беа пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.