Наскоро идентификациски број за Отворен Балкан за граѓаните на Северна Македонија

 – Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за статусот на проектот Отворен Балкан. Задолжено е Министерството за информатичко општество и администрација, да овозможи пристап до неопходниот сет на податоци од Централниот регистар на население, за потребите на услугата за генерирање идентификациски број на граѓанинот, со цел целосно исполнување на обврските кои Владата ги има преземено во рамки на иницијативата Отворен Балкан.

Услугата за генерирање на идентификациски број за Отворен Балкан за граѓаните на Република Северна Македонија е услуга која е во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација и е наменета само за граѓаните на Република Северна Македонија.

Идентификацискиот број за Отворен Балкан го генерира секоја држава за своите граѓани соодветно. Кога граѓаните сакаат да аплицираат за Услугата за упис во регистарот на слободен пристап до пазарот на труд, тие треба со овој број да се најават на порталот за електронски услуги кај државата во чиј регистар на слободен пристап до пазарот на труд сакаат да бидат впишани.