Наставниците по македонски јазик бесни: Новата концепција за шесто одделение ја уништува македонштината
Изминативе неколку години сите сме сведоци за реформите во образовниот кои се спроведуваат во македонскиот образовен систем. Оваа реформа одеше етапно односно, најпрвин реформите се правеа во одделенската настава а од учебната 2023/24 оваа реформа ќе се спроведува и во предметната настава односно во шесто одделение.
Денес наставниците по македонски јазик имаа он лајн обука каде Бирото за развој на образованието ја претстави новата Концепција и начинот за работа.
Овој начин на работа е далеку поразличен од претходниот затоа што има драстични измини на секое поле.
БРО најави дека од септември нема да има учебници по македонски јазик а наставниците ќе мора сами да формираат наставни ливчиња и други помошни средства со цел да најдат алтернатива за учебникот.
Делот кој најмногу ги изреволтира наставниците е најавата за отстранување на наставните содржини од историјата на македонскиот јазик и неспомнувањето на македонските преродбеници.
Анита Мирчева, долгогодишен наставник по македонски јазик во ООУ ,,Св. Кирил и Методиј” – Велес, на својот фб профил упати жестоки критики за новата образовна реформа.
Во продолжение може да го прочитате нејзиниот статус и да ги дознаете деталите:
Во 26 години учителски работен стаж, континуирано гледам и следам, како колегите одат на обуки и семинари по предметите кои ги предаваат. Цели 26 години и јавно и лично прашував, зошто никогаш нема обуки за Македонски јазик!? Посебни! Убави! Креативни! За нас македонистите!? Чуварите и негувачите на мајчиното, прадедовското. И, еве, денес обука. За новата наставна програма за 6 одд. по новиот концепт. И!? Ќе си поќутиме македонисти? Ќе се докажуваме пред советниците колку знаеме да бидеме креативни одржувајќи час за епитет споредувајќи го со придавки? Или како, за да научат учениците за акцент, ќе им дадеме текст во кој ќе треба да ги акцентираат зборовите и ние така ќе согледаме дали ја научиле наставната содржина!? Иновативност? Овие примери? Наместо фамозната Дневна подготовка, пишувавме Оперативен план, па сега ќе преминеме на Сценарио!? Иновативност!? Ова? Зошто сите молчите? За нашиот мајчин јазик станува збор! Не ви е жал за испитите кои макотрпно ги учевте и стресно ги полагавте!? Како ќе бидеме запаметени!? Како македонисти- самоуништувачи!? Ами нели саможртви не учеа да бидеме, ако е во прашање мајчиниот јазик? Нели требаше да го чуваме како црнка во очите? Како пламенот во огништето, како аманет од дедовците!? Сите си молчиме… И наставници и директори и синдикат и пратеници и… други работи се приоритет! Борба за власт! Манипулативност насекаде. Самобендисаност! И наведнати глави! Си поќутевме сите на целосното отфрлање на темата за Историјата на македонскиот јазик. Значи, нема да се учи за Светите браќа Кирил и Методиј, за Свети Климент, Глаголица, Кирилица, првите школи, Евангелија, … АМА ни дадоа чесен пионерски збор дека во 7 одд. ќе сме учеле НЕШТО за Историјата на македонскиот јазик! До душа не знаеме што, бидејќи програмата за 7 одд. не е изготвена и треба да веруваме само на зборот, АМА во 9 одд. ни кажаа дека ЗАГАРАНТИРАНО ќе има во наставната програма лекција за Кодификацијата на македонскиот јазик. Значи, ќе смееме да им раскажеме на учениците дека Македонскиот јазик ни е официјализиран во 1944 год. или со други зборови, според желбата на соседите, дека можеби Тито ни го признал и подарил!? А нивните баби, дедовци, прабаби, прадедовци, нивните предци… говореле на…латински, еленски, еврејски… есперанто!?
Иначе, учебници нема за 6 одд., ама ЌЕ има, можеби! А и да нема, што, па нели ние треба да сме креативни и спремни. Училницата ќе биде сцена, а наставниците сценаристи и режисери! Подрачјата од пет се претопуваат во три, па во подрачјето Јазик ќе дотуриме и комуникација! Чекајте, а комуникација нема во секој наставен предмет? Литература ќе се фузира со изразување и творење, а лектира не знам зошто, можеби поради честото отфрлање од митингот, поради слабата конекција, не разбрав каде е. И сите молчиме! Додека ни го сечат коренот! Додека ни ја менуваат матрицата! Додека не рестартираат! Додека фабрички не подесуваат! Македонисти, наставници, директори, пратеници, родители, академци, писатели, луѓееее… И не ми буричкајте тука партии и политика! Немојте! Сите анемично молчевме! Пред малку, еден драг пријател ми рече да прекинам со јавни изблици на емоција. Во моментот можеби не изреагирав соодветно, ама еве сега ќе си кажам, како македонист, како учител, како Македонец и како човек, ова боли! И не можам да реагирам поинаку, иако би сакала, многууу би сакала да сум како мнозинството. Ама… секој со својот крст. Јас, Историја на македонски јазик ќе си предавам во сите генерации од 6 до 9 одд. соодветно на возраста. Ќе си работам и лектири соодветно на возраста. За самооткажаните, за Анѓа, за Цвета… Секој нека ја пее својата песна. Вие вашата, јас својата! Секој со своите мотиви, цел, соништа и љубов! Секој со својот разум. Копирајте, препраќајте, заканувајте се… јас се срамам што сето ова го дозволивме! Можеби ќе дојдат подобри од нас.