Војската на Романија испрати дополнителен контингент од 130 војници за учество во мисијата на НАТО, КФОР, на Косово, објави Северноатлантската алијанса, јавува Анадолу.
„Над 130 дополнителни војници од Романија пристигнаа во Косово вчера (петок) за дополнително зајакнување на мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР), покрај двесте британски војници распоредени претходно овој месец. До распоредувањето на овие дополнителни трупи дојде поради нападот врз косовската полиција на 24 септември и зголемувањето на тензиите во регионот“, наведоа од НАТО.
Алијансата истакна дека мировната операција на Косово НАТО ја спроведува според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и соопшти дека во рамките на КФОР има повеќе од 4.500 војници од 27 земји.