Земјите членки на НАТО почнаа да обезбедуваат итна помош за Словенија која е погодена од поплавите, соопшти Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во телефонски разговор со словенечкиот премиер Роберт Голоб, изрази сочувство и силна солидарност на НАТО со Словенија, се истакнува во соопштението.
„Го поздравувам тоа што сојузниците на НАТО пристапија со непосредни понуди за поддршка, со хеликоптери, модуларни мостови, багери и инженерска експертиза“, рече Столтенберг.
Силните поплави зафатија две третини од земјата за време на викендот, во кои загинаа најмалку шест лица, а стотици останаа без покрив над глава.
По барање на Словенија за помош преку Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи на НАТО (EADRCC) по поплавите предизвикани од обилните врнежи минатата недела, Шпанија понуди хеликоптер CH-47 со 25 лица, меѓу кои екипаж и помошен персонал.
Сојузниците на НАТО обезбедуваат поддршка и преку Европската Унија и билатерално. Бугарија, Хрватска, Германија и Франција понудија поддршка во хеликоптери, багери, монтажни мостови и инженерски тимови.
САД, исто така, распоредија персонал во главниот град Љубљана за процена на ситуацијата и утврдување на итните хуманитарни потреби.