– Најголемата воздушна вежба на НАТО, која ќе се изведе во Европа следната недела, ќе ги демонстрира единството, силата и подготвеноста на Алијансата, изјави денес висока американска дипломатка.
„Ова е вежба што ќе биде апсолутно импресивна за секој што ја гледа“, рече американската амбасадорка во Германија, Ејми Гутман, на прес-конференцијата во Берлин.
„Би била прилично изненадена ако некој светски лидер не забележи што покажува вежбата во однос на духот на оваа Алијанса, што значи силата на оваа Алијанса, а тоа го вклучува и господинот (Владимир) Путин“, рече таа.
Гутман истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) во Европа пратиле над 100 авиони и 2.000 припадници на воениот персонал за да учествуваат во воената вежба што ќе се одржи од 12 до 23 јуни.
„’Ер Дифендер 2023′ е најголема вежба за распоредување на сојузничките воздушни сили во Европа, во историјата на НАТО. Таа ќе ги покаже, без ронка сомнение, агилноста и брзината на нашите сојузнички сили во НАТО како прв одговор“, рече таа.
Во воената вежба ќе учествуваат околу 10.000 припадници на воениот персонал од 25 земји на НАТО, во чии рамки ќе бидат прикажани одбранбени маневри во германскиот и европскиот воздушен простор.