НАТО се шири, турскиот парламент ја одобри апликацијата за членство на Шведска

Турскиот парламент го одобри барањето на шведската држава за членство во најмоќната воена алијанса во светот, НАТО.

Шведското барање е испратено до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на конечен потпис, по што ќе биде проследено до американскиот Стејт департмент.

За да може Шведска да стане полноправна членка на Алијансата, нејзиното барање мора да биде одобрено од унгарскиот парламент.

Членката на НАТО, Турција го одложи ратификувањето на пристапот на Шведска повеќе од една година, обвинувајќи ја земјата дека е премногу мека кон групите што ги смета за закани за безбедноста.

Таа бараше отстапки од Шведска, вклучително и построг став кон курдските милитанти и членовите на мрежата што Анкара ја обвинува за неуспешниот пуч во 2016 година.

Турската држава е лута и од серијата демонстрации на приврзаниците на забранетата Курдистанска работничка партија во Шведска, како и од протестите со палење на Куранот кои ги потресоа муслиманските земји.

Инаку, Шведска, заедно со Финска, ја напуштија својата традиционална политика на воена неутралност за да побара заштита под безбедносниот чадор на НАТО по рускиот напад на Украина во февруари 2022 година.

Финска се приклучи на алијансата во април 2023 година, станувајќи 31-ва членка на НАТО, откако турскиот парламент ја ратификуваше кандидатурата на земјата.