Јапонски астрономи го забележале првиот директен доказ за црна дупка што се врти, т.е. ротира, обезбедувајќи нови важни сознанија за најзагадочните тела во Вселената.
Набљудувањата се насочени кон супермасивната црна дупка во центарот на галаксијата Месие 87, и снимките од телескопот „Ивент хорајзон“. Како и други супермасивни црни дупки, и онаа на М87 има моќни исфрлања што произлегуваат од половите и се движат со брзина приближна на светлината во меѓугалактичкиот простор. Научниците и досега предвидуваа дека всушност ротацијата на црната дупка ги придвижува овие космички исфрлања, но досега наоѓањето директни докази за таа теза беше неостварливо.
– По успешното снимање на црната дупка во оваа галаксија со телескопот „Ивент хорајзон“, главната грижа на научниците беше дали оваа црна дупка се врти или не. Сега исчекувањето се претвори во сигурност. Оваа монструозна црна дупка навистина се врти, потврди д-р Казухиро Хада, истражувач од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија.
М87 се наоѓа на 53 милиони светлосни години од Земјата и има црна дупка којашто е 6,5 милијарди пати помасивна од Сонцето. Околу црната дупка се наоѓа акреционен диск од гас и прав што се врти околу елипсата на дупката. Дел од таа насобрана материја паѓа во црната дупка и исчезнува засекогаш.
Но, еден дел од впиената материја потоа се исфрла преку половите на црната дупка со околу 99,99 отсто од брзината на светлината.