Ако некогаш сте се чувствувале лошо поради тоа колку време поминувате пред телефонот секој ден, не сте сами.
Повеќето луѓе, во одреден момент, се затекнале себеси како бесконечно скролаат низ социјалните медиуми, барајќи нешто што ќе ги шокира, насмее или изненади – каков било стимул што ќе им обезбеди краткорочно чувство на задоволство.
Овој „наплив на допамин“ е сличен на оној што се доживува во коцкањето, каде што одвреме-навреме некоја „добивка“ или, во случај на мобилни уреди, интересна содржина, ги тера луѓето да се обидуваат одново и одново.
Овој феномен е добро документиран во документарецот на Нетфликс од 2020 година „Социјалната дилема“. Но, она што документарецот не го истражи детално е што се случува кога целосно ќе престанете да го користите телефонот три дена?
Токму тоа се обидоа да го откријат научниците од Универзитетот во Хајделберг и Универзитетот во Келн во Германија. Тие спроведоа студија насловена како „Ефекти од ограничувањата на паметните телефони врз невронската активност поврзана со сигналот“.
Што открија?
Во студијата учествувале 25 лица на возраст меѓу 18 и 30 години. На учесниците им било дозволено да ги користат своите телефони само за основна комуникација и деловни цели, додека социјалните медиуми и другите форми на рекреативна употреба биле целосно забранети во текот на 72 часа.
По три дена без социјални медиуми, учесниците биле подложени на скенирање на мозокот, а резултатите биле изненадувачки. Тие откриле значително намалување на активноста во деловите од мозокот поврзани со обработка на награда и желба – истите оние што се активни кај зависноста од никотин или алкохол.
Со други зборови, научниците покажаа дека употребата на паметни телефони, особено социјалните медиуми, влијае на мозокот на сличен начин како и класичните зависности.
„Мобилниот телефон не е само алатка, туку и навика“
Авторите на студијата забележуваат дека постои важна разлика помеѓу различните активности на мобилен телефон – гледањето TikTok со часови и разговорот со родителите преку видео повик не се иста работа. Но, бидејќи овие активности честопати одат рака под рака, тешко е да се разделат во секојдневниот живот.
„Нашите податоци не ја одделуваат желбата за користење паметен телефон од желбата за социјална интеракција – две работи кои се длабоко поврзани денес“, истакнуваат научниците. Тие исто така додаваат дека се потребни понатамошни истражувања за подобро да се разбере како социјалните медиуми и мобилните телефони го обликуваат човечкиот мозок.
„Идентификуваните мозочни механизми би можеле да предизвикаат зависно однесување кај луѓето склони кон прекумерна употреба на паметни телефони“, заклучија тие.