Научниците се еден чекор поблиску до создавање замена на заби во лабораторија – откритие кое би можело да ги замени непријатните стоматолошки поправки на пломби, коренски канали и вештачки импланти.
Заб направен во лабораторија може многу да се разликува од она што моментално го знаеме за стоматологијата.
Според истражувачите од Кингс колеџот во Лондон, развиен е посебен материјал кој им овозможува на клетките да комуницираат едни со други на ист начин како во човечкото тело, што им овозможува да се развијат во забни клетки.
Студијата е објавена во списанието ACS Macro Letters .
Овој процес овозможува одгледување заби од сопствените клетки на пациентот во лабораторија.
Во иднина, оштетените или инфицираните заби би можеле да се заменат со вистински, природни заби наместо со пломби и слични стоматолошки процедури.
Кај луѓето, нормално се развиваат два пара заби: околу 20 млечни заби во раното детство и 32 трајни заби во текот на основното училиште. За разлика од луѓето, животните како ајкулите и крокодилите можат постојано да ги надоместуваат изгубените заби бидејќи задржуваат матични клетки кои овозможуваат континуиран раст.
Кај луѓето, овие клетки исчезнуваат по никнувањето на трајните заби, пишува Live Science , пренесува Telegraph.

Денес, кога ќе се појави оштетување на забите, поправките вклучуваат пломби или вградување на импланти, но овие методи имаат ограничен век на траење и не можат да ја стимулираат регенерацијата.
„Пломбите не се најдобро решение за поправка на забите“, нагласи коавторот на студијата, Сјуечен Жанг, додавајќи дека „со текот на времето, тие ја ослабуваат структурата на забите, имаат ограничен животен век и можат да доведат до дополнително расипување или чувствителност“.
Од друга страна, поставувањето на имплантот бара инвазивни хируршки процедури во текот на неколку прегледи и носи ризик од инфекции и оштетување на околните ткива.
„И двата методи се вештачки и не ја обновуваат целосно природната функција на забите, што може да предизвика долгорочни компликации“, додава Џанг.
Со години, тим научници се обидува да го имитира развојот на природните заби во лабораториски услови.
За време на раниот ембрионален развој, матичните клетки од различни ткива комуницираат едни со други користејќи сигнални молекули, предизвикувајќи формирање на заби. Овие клетки подоцна се диференцираат во различни типови клетки кои создаваат материјали како што се емајл и дентин.
Клучен напредок во оваа студија беше создавањето на хидрогел материјал – мек материјал сличен на гел кој апсорбира големи количини вода – што ја имитира природната средина на клетките во телото.
Благодарение на ова, клетките беа во можност постепено да ги испраќаат сигналите потребни за да го започнат процесот на формирање на забите.
„Претходните обиди беа неуспешни бидејќи сите сигнали беа дадени веднаш. Новиот материјал овозможува постепено ослободување на сигналите, слично како кај организмот“, објасни Жанг.
Лабораториски одгледуваните заби можат да бидат потрајни, посилни и многу помалку подложни на отфрлање од страна на телото, што е чест проблем кај денешните импланти.
„Забите одгледани во лабораторија би се интегрирале природно со вилицата како вистински заби“, рече Жанг.
Сепак, истражувачите сè уште се далеку од имплантирање на вакви заби кај луѓето. Тие моментално експериментираат со различни методи за успешно имплантирање на нови заби – или со трансплантација на нови клетки во устата на пациентот или со целосно одгледување на забите во лабораторија пред имплантацијата.
„За обете опции, процесот на раниот развој на забите мора да започне во лабораторија“, нагласи Жанг.
И покрај предизвиците, ова откритие го отвора патот за револуционерни промени во стоматологијата.
„Како што напредува полето, интеграцијата на вакви иновативни техники има потенцијал целосно да ја трансформира стоматолошката грижа, обезбедувајќи одржливи и ефикасни решенија за поправка и регенерација на забите“, заклучи коавторката на студијата, Ана Ангелова Волпони, од Кингс колеџот.