Научниците утврдија колку една цигара го скратува животниот век: Изненадувачки различни резултати кај жените и мажите!
Една цигара во просек го скратува животниот век за 20 минути. Ова го покажуваат резултатите од најновата студија на експерти од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL).
– Луѓето знаат дека пушењето е штетно, но имаат тенденција да потценуваат колку. Во просек, пушачите кои не престануваат да пушат, губат околу една деценија од животот. Тоа се 10 години драгоцено време, животни моменти и уживање со најблиските – изјави за Гардијан д-р Сара Џексон, постар истражувач во UCL.
Студијата покажала дека една цигара го скратува животниот век за 17 минути кај мажите и 22 минути кај жените.
– Некои мислат дека тоа не е страшно бидејќи староста ја поврзуваат со хронични болести. Но, пушењето не го скратува нездравиот период на крајот од животот, најмногу ги скратува релативно добрите средни години од животот. Ова значи дека 60-годишниот пушач често ќе ги има здравствените проблеми од 70-годишниот непушач, додаде д-р Џексон.
Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон открија дека една цигара одзема околу 20 минути од очекуваниот животен век , што значи дека една кутија од 20 цигари може да го скрати животот на една личност за речиси седум часа , објави Гардијан.
Новото истражување проценува дека една цигара го скратува животниот век речиси двојно повеќе отколку што покажале студиите од 2000 година.
Според студијата, доколку човек кој пуши 10 цигари дневно престане да пуши на 1 јануари, би можел да спречи губење на цел ден од животот до 8 јануари, а до крајот на следната година би можел да избегне губење на 50 дена од животот.