Нафтена компанија со градежни апетити, чиј газда е под истрага: „Пуцко Петрол“ нижела тендери и наплатила милиони за бензиски

Нафтената компанија „Пуцко Петрол“, чиј сопственик Асмир Јахоски е меѓу осомничените за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, за една година добила над 200 тендери, а за период од 5 години склучила вкупно 1.776 договори за јавна набавка во вкупен износ од 137 милиони евра, од кои половина во постапки без конкуренција. Во меѓувреме, „Пуцко Петрол“ си ги врати парите и наплати плус 2 милиони евра од буџетот за неизградената бензиска во Карпош, а оваа компанија и поврзаната „Би Холдинг“ продадоа 2 бензиски на автопатот при влез во Скопје за 7,5 милиони евра на приватна компанија, поврзана со друштвото што го реализираше милионскиот договор за опремување на новиот културен дом во Тетово. Како што е познато, фирмата го купи и просторот кај „Алумина“, но се уште не успева да изгради висококатници.

Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ во сопственост на бизнисменот Асмир Јахоски, осомничен во рамки на истрагата за милионските набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“, е еден од најголемите снабдувачи со нафта и нафтени деривати на државните интитуции и јавните органи и влегува во групата на топ-10 „тендерџии“.

Станува збор за нафтена компанија формирана уште далечната 1999 година од страна на Исмаил Јахоски, поранешен градоначалник на Пласница и актуелен пратеник на ДУИ, кој пред неколку години се повлече од друштвото и кормилото му го препушти на неговиот син Асмир Јахоски.

Долги години наназад, „Пуцко Петрол“ добива голем број тендери за снабдување со нафта и нафтени деривати, така што за само една година, како што покажуваат официјалните податоци, склучила над 200 договори за јавна набавка.

Според Бирото за јавни набавки, најголемите договори „Пуцко Петрол“ ги склучила со ЈСП Скопје за набавка на гориво за автобусите на градското јавно претпријатие, така што во 2022 и во 2025 година се склучени 2 вакви договори од вредност од по 1.652.000.000 денари или вкупно 53 милиони евра.

Дополнително, во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации „Пуцко Петрол“ се наоѓа на високото трето место според вредноста на тендерите добиени во периодот од 2019 до 2023 година, кога нафтената компанија склучила 1.776 договори за јавна набавка во вкупен износ од 137 милиони евра.

„Дури 658 од вкупно добиените 1.776 договори се склучени во постапка за јавна набавка во која само Пуцко Петрол учествувал и немал конкуренција. Вредноста на овие договори изнесува 68 милиони евра, односно половина од вкупно добиените“, нотира ЦГК.

Во меѓувреме, „Пуцко Петрол“ направи обид да влезе и во градежниот сектор, и тоа на голема врата, имајќи предвид дека во 2020 година го купи плацот од 42 илјади квадратни метри кај поранешната фабрика „Алумина“ од израелската „Газит Глоуб“ за 18 милиони евра.

Неодамна, Општина Карпош на чело со градоначалникот Стевчо Јакимовски презентираше урбанистички план, кој на тој простор предвидуваше 8 згради. Сепак, овој ДУП никогаш не беше усвоен од страна на општинскиот совет, бидејќи големо мнозинство на советници и партии беа против.

Кога се говори за релацијата Општина Карпош -„Пуцко Петрол“, актуелен беше случајот со имотот во близината на арената „Борис Трајковски“, кој нафтената компанија го купи на јавна лицитација во 2016 за околу 2,5 милиони евра. Тогаш, на сила беше ДУП, кој на таа локација предвидуваше изградба на помала бензинска станица…

Арно ама, Уставниот суд го укина овој ДУП, бидејќи, според Судот, бил донесен во незаконска постапка. Откако компанијата го загуби законското право да гради бензинска станица на купениот имот, покрена судска постапка, која, во повторно одлучување, заврши со правосилна пресуда со која делумно се прифаќа тужбеното барање.

Како што тогаш пишувавме, нафтената компанија по судски пат ќе ги добие назад парите за откуп на парцелата за изградба на бензинска станица, дополнителни 110 илјади евра за надомест на штета, како и 1,7 милиони евра по основ на испуштена корист.

По алармирање на градоначалникот Јакимовски и совети на Државното правобранителство, Советот на Карпош усвои нов план со кој пак се вцрта бензинска на посочената парцела. Сепак, општината не успеа со таков маневар да ја добие правната битка со компанијата и да го избегне финансискиот трошок.

Цела ситуација беше запечатена од страна на Уставниот суд, кој го укина планот со образложение дека се предвидува изградба на бензинска станица или објект со класа на намена Е, на место каде што со Генералниот урбанистички план е планирано зеленило и објекти со класа на намена А и Б – домување и делумно комерцијални објекти.

Исто така, „Пуцко Петрол“ се најде и сторијата објавена во „Фокус“, во која се обелоденува дека тетовската компанија „НБ-Цомпану“, додека го реализира договорот за опремување на новиот културен дом во Тетово за 23 милиони евра, купила 2 бензински станици на автопат при влез во Скопје за 7,5 милиони евра.

Патем, една бензинска била купена од „Пуцко Петрол“, додека другата од „БИ Холдинг“, во сопственост на Хана Јахоска. Овие компании беа дел и од предметот што Антикорупциската комисија го водеше за конфискацијата на имотот на „Трансмет“ по пресудата во предметот „Труст“ за поранешниот сопственик Сеад Кочан.

Како што утврди ДКСК, дел од имотот што требало да биде конфискуван бил преземен од фирми и банки, со што била направена штета од над 12 милиони евра. Од таму појаснија дека во шемата, најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“, а опремата најверојатно е користена во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот Кочан.

Како што нотираше Комисијата, дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен и како гаранција за да не му биде определен притвор на Кочан. Од таму во случајот ја посочија и фирмата „БИ Холдинг“, која е регистрирана на иста адреса во скопски Карпош како и „К.С.А. Интернационал“ во сопственост на Куштрим Смајлајл, зет на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Порано, партнер на Смајлал во „К.С.А. Интернационал“ му бил Ерџан Сулкоски, кој работел во „Пуцко Петрол“ на Јахоски, а моментално му е партнер на Ратко Капушевски во „РКМ“, која всушност ги склучила спорните договори со милионска вредност за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Поради овие набавки, со истрагата е опфатена „РКМ“, нејзините сопственици Капушевски и Сулкоски, како и првиот човек на „Пуцко Петрол“ – Јахоски, кој, за разлика од останатите, не доби затворски притвор, туку куќен притвор, со образложение дека бил родител и дека имал нарушена здравствена состојба.

Како резултат на иницијатива на ДКСК, Обвинителството за организиран криминал поведе предистрага, која сега резултираше со истрага по кривична пријава на МВР против 13 лица и едно правно лице, поради тоа што осомничените поднеле невистинита документација, не ги извршиле договорените обврски и оствариле имотна корист на штета на државниот буџет во вкупен износ од околу 167,5 милиони евра.