Најголемиот светски фонд во светот загуби 34 милијарди долари

Норвешкиот државен пензиски фонд Глобал, со средства од 1,4 билиони долари, пријави загуби од 2,1 отсто во третиот квартал во споредба со првата половина од годината.

Во соопштението се прецизира дека загубата е 374 милијарди норвешки круни или околу 34 милијарди долари, пренесува CNBC.

Резултатите сепак беа за 0,17 процентни поени посилни од приносот на референтниот индекс на фондот.

Фондот забележа квартална загуба од 3,3 отсто на вложувањата во недвижности кои не котираат на берзата, додека загубата во третиот квартал од инвестициите во инфраструктурата за обновливи извори на енергија изнесува 2,4 отсто.

„Берзата забележа послаб квартал во однос на претходните два квартали, а полоши резултати се забележани особено во технолошкиот и индустрискиот сектор“, изјави Тронд Гранде, заменик извршен директор на компанијата за управување со инвестиции на Норвешка банка.

Џиновскиот државен фонд на Норвешка беше основан во 1990-тите со цел Осло да го инвестира вишокот приход од секторот за нафта и гас во земјата. До денес, фондот има инвестирано во повеќе од 9.200 компании во 70 земји во светот.