За време на топлотен бран, водата не е единственото нешто што треба да го хидрирате, а во тоа може да ви помогнат одредени намирници како краставици, лубеница или зелена салата.
Ако планирате да поминувате многу време на отворено, ќе ви требаат и електролити. Може да се најдат во спортски пијалоци, суплементи и одредена храна. Покрај тоа што ќе ве одржува хидрирани, ќе ви помогне да ги надополните минералите што ги исфрлате.
Некои намирници се хидратантни и полни со електролити и хранливи материи, кои можат да ви помогнат да ја задоволите жедта. Повеќето намирници содржат одредена количина вода, но веројатно нема да ве изненади кога ќе дознаете дека овошјето и зеленчукот се на врвот на листата.
Се проценува дека 20 до 30 проценти од потребите на течности може да потекнуваат од храна, вклучувајќи овошје и зеленчук. Можете да ја зголемите хидратацијата со комбинирање на одредени намирници. Кога барате соодветна рехидратација, клучни се јаглехидратите, течностите и натриумот.
Лубеница и диња – Лубеницата не е само овошје синоним за лето, таа е и многу хидратантна. Се состои од 92 отсто вода и содржи антиоксиданси, важни хранливи материи како што се витамините А и Ц, магнезиум, влакна и ликопен (пигмент кој се наоѓа во црвено, жолто или портокалово овошје и зеленчук). Диња исто така е 90 проценти вода и е добар извор на калиум, фолна киселина, како и витамини А и Ц.
Краставиците се состојат од 95 отсто вода и витамини како витамин К, магнезиум и калиум. Овој освежителен зеленчук лесно може да се додаде во салати, сендвичи, вода или да се јаде сам. Неговата висока содржина на вода го прави нискокалоричен и идеална храна за да ја додадете во вашата исхрана доколку сакате да изгубите тежина и да се чувствувате сити подолго време.
Јагоди – ова овошје е полно со антиоксиданси, витамини и минерали како витамин Ц, манган и фолна киселина. Лесно се додава во смути, јогурти, салати или се јаде сам. Јагодите се 91 отсто вода, што ги прави совршено овошје за гаснење жед.
Марула и друг лиснат зеленчук – Марулата се состои од 96 отсто вода и содржи фолна киселина, влакна и витамини К и А. Спанаќот е богат со железо, фолна киселина, калциум и витамини Ц и А.
Цитрусни овошја – Цитрусите обично се околу 80 проценти вода, што ги прави добри опции за хидратација. Тие се исто така богати со витамин Ц и влакна и се добри за поддршка на вашиот имунолошки систем. Тие се дури и доволно разноврсни за да се додадат во овошни салати, да се јадат сами, да се додадат во вода или салати, па дури и како маринада за пилешко или риба.