Најмалку осум лица го загубија животот, а 115.000 се раселени поради поплавите во индиската држава Асам

 Најмалку осум лица го загубија животот, а повеќе од 115.000 луѓе се раселени поради големите поплави што ја погодија индиската држава Асам.

Локалните власти соопштија дека водата од надојдената река Брамапутра „проголтала“ речиси 450 села во 17 области на Асам, како и поплавени засолништа за диви животни.

Во таа индиска држава поставени се 85 кампови за помош на ранливите луѓе, во кои моментално се сместени повеќе од 3.500 луѓе.

„Ако луѓето сакаат да одат на пазар, тие се соочуваат со проблеми бидејќи патот е поплавен. Посевите се исто така под вода“, изјави жител на градот Моригаон за индиските медиуми.

Во исто време, речиси половина од Националниот парк Казиранга, дом на реткиот носорог со еден рог, беше поплавен, принудувајќи ги носорозите, слоновите и елените да бараат засолниште по патиштата во населените места.