Најмалку шест лица загинаа, а 50 се повредени во руските воздушни напади во украинските градови

– Најмалку шест лица загинаа, а 50 се повредени во руските воздушни напади во текот на ноќта на три града во украинските региони Днепропетровск, Суми и Доњецк, соопштија денес локалните власти.

„Една жена, која е повредена во нападот на Криви Рих, почина синоќа во болница. Загинаа четири лица. Повредени се 43 лица“, рече гувернерот на Днепропетровск, Серхиј Лисак, во изјавата на Телеграм рано утринава.

Лисак рече дека меѓу повредените има 12 деца, а 20 од повредените останале во медицински установи.

„Во градот се оштетени повеќе од дваесетина високи згради, две градинки и две училишта, едно претпријатие, административна зграда, продавница и магацин“, додаде гувернерот.

Коментирајќи го нападот, украинскиот претседател Владимир Зеленски на социјалната мрежа Х изјави дека спасувачките активности во Криви Рих се завршени.

„Секој ден нашите градови и села се изложени на такви напади. Украина губи луѓе секој ден поради руското зло. И не може да има пауза во поддршката за еден ден, една недела, а камоли месеци, кога станува збор за заштита на животи и едноставно спасување луѓе од терор“, изјави Зеленски.

Гувернерот на Доњецк, Вадим Филашкин, во меѓувреме на Телеграм изјави дека две лица загинале, а пет се повредени во ракетен напад во градот Мирнохрад.

Во градот Суми, при напад со беспилотно летало погодена е петкатна зграда, при што се повредени најмалку осум лица, соопшти регионалната воена управа на Суми на Телеграм.

Понатаму во соопштението се вели дека 10 лица се извлечени од урнатините и дека операцијата за пребарување и спасување продолжува во областа.

Во руско-украинската војна, која на крајот на минатиот месец влезе во трета година, според најновите податоци на Обединетите нации, животот го изгубија најмалку 10.500 цивили, а над 19.800 се повредени.