Карбинци објави повик за субвенции за инвертер клима уреди

Општина Карбинци објави јавен за субвенционирање на домаќинствата за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов денеска за МИА изјави дека повикот е објавен на 1 мај и веќе има интерес од страна на граѓаните. Тој посочи дека лани субвенции за инвертер клима уреди добиле над 50 домаќинства, а годинава ги олесниле и критериумите за добивање на субвенции.

– Втора година по ред, Општина Карбинци, со цел да ги стимулира домаќинствата на Општина Карбинци за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, на жителите кои кои ќе купат и монтираат високоефикасен инвертер клима од денот на oбјавувањето на јавниот повик 01.05.2024 година заклучно со 31.08.2024 година ќе им ги надомести (субвенционира) дел од трошоците направени при набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди во висина од 30% од вредноста на инвертер клима, но не повеќе од 20.000,00 денари по барател, со вклучен персонален данок на доход, вели Паунов.

Тој истакна дека на повикот право на учество имаат сите жители на Општина Карбинци, а барањето може да се земе од архивата на општината или да се обезбеди од интернет страницата на Општина Карбинци: www.karbinci.gov.mk