Најмалку 12 лица се повредени во Софија во судири меѓу навивачите и полицијата

Најмалку 12 лица се повредени во судир меѓу бугарските навивачи во Софија и локалната полиција пред и за време на натпреварот меѓу Бугарија и Унгарија од групата Г од квалификациите за ЕП 2024 во Германија, пренесува бугарски Спортал. Натпреварот меѓу Бугарија и Унгарија се одигра без присуство на навивачи, а заврши без победник, 2:2. 

Локалните медиуми велат дека илјадници бугарски навивачи протестирале на улиците на Софија поради начинот на кој работи Фудбалскиот сојуз на Бугарија. Во протестите учествуваа навивачи на бројни бугарски клубови, а во еден момент протестот стана насилен. Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопшти дека има повредени од двете страни. Центарот за итна медицинска помош во Софија соопшти дека меѓу повредените има и полицајци и навивачи. Најмалку 12 лица се повредени, од кои тројца потешко, но сите се надвор од животна опасност.

Локалните медиуми јавуваат дека на околу половина час пред почетокот на натпреварот навивачите почнале да фрлаат пиротехнички средства, камења и пластични шишиња кон полицијата. Откако биле запалени корпи за отпадоци, полицијата одговорила со водени топови. Навивачите потоа се разотидоа, а на улиците беа запалени неколку автомобили. Повеќе од 1.600 полицајци во опрема за немири беа распоредени на улиците на Софија.

Навивачите се незадоволни од работата на ФС Бугарија, која реши натпреварот со Унгарија да го игра пред празни трибини. Навивачите побараа оставка од претседателот на ФС на Бугарија, Борислав Михајлов, кого го сметаат за одговорен за неуспесите на репрезентацијата во квалификациите за Европското и Светското првенство. Бугарија е на последното место на табелата од групата Г од квалификациите за ЕП 2024 година со три бода.