Најмладата ќерка на Трамп го откри полот на своето прво дете со милијардерот Мајкл Булос

Најмладата ќерка на Доналд Трамп, Тифани Трамп, викендов имаше раскошна забава на која го откри полот на своето прво дете што го чека со милијардерот Мајкл Булос.

Тифани за оваа пригода облекла долг светлосин фустан, а украсите на забавата биле во иста боја, откривајќи дека очекува момче. На својата приказна на Инстаграм, таа сподели и информации за нејзиниот термин, пишувајќи „1 месец“ покрај фотографијата.

Инаку, Доналд Трамп ја објави првата бременост на својата ќерка за време на настан во Економскиот клуб во Детроит во октомври 2024. Додека го држеше својот говор, Доналд Трамп спомна неколку луѓе во публиката, меѓу кои и таткото на неговиот зет, д-р Масада Булос.

„Тој е татко на Мајкл, а Мајкл е исклучително талентиран млад човек“, изјави поранешниот претседател. “А Тифани е извонредна млада жена. И таа наскоро ќе стане мајка. Тоа е навистина прекрасно”, додаде тој.

Тифани Трамп, која е четврто дете на Доналд Трамп, е неговото единствено дете од бракот со поранешната сопруга Марла Мејплс. Во јавноста таа често беше перцепирана како несериозен член на семејството, а овој впечаток дополнително го подгреа изјавата на нејзиниот татко дека е „малку помалку горд на неа од другите деца“.

Пред две години, Тифани се омажи за Мајкл Булос, четири години помладиот милијардер, кој е наследник на нигерискиот конгломерат Boulos Enterprises. Мајкл е роден во Либан, израснат во Нигерија и се преселил во САД по средбата со Тифани.