Најнеобичното промотивно видео што некогаш ќе го видите: Како Талибанците ги покануваат Американците да дојдат како туристи
На социјалната мрежа X се појави необично промотивно видео од Авганистан, предизвикувајќи смеа низ целиот свет. Имено, видеото го објави администрацијата на Талибанците со цел да привлече – ни помалку ни повеќе – американски туристи во земјата, која до неодамна беше опустошена од војни во кои Американците беа едни од главните актери.
Видеото, кое беше истакнато во објавата на „afghanarabic“ профилот, прикажува странски туристи како ги гледаат природните убавини на Авганистан, пробувајќи ја локалната кујна, но исто така – што е особено бизарно – позираат покрај вооружени борци и оружје на Талибанците. Во описот на видеото има и порака упатена до Американците: „Откако ве избркавме од нашата земја, сега сте добредојдени да дојдете како туристи или гости“.
Оваа неочекувана „понуда“ доаѓа како дел од новиот ПР пристап на талибанскиот режим, кој се обидува да го редефинира својот имиџ на глобалната сцена уште од враќањето на власт во 2021 година.
Иако според анализата од 2016 година на Меѓународниот центар за борба против тероризмот, медиумската стратегија на Талибанците дотогаш речиси и да не постоела и била нетранспарентна, сега сме сведоци на обиди за пософистицирана комуникација и кампањи насочени кон промена на перцепцијата на меѓународната јавност.
Сепак, во реалноста, Авганистан сè уште се смета за едно од најопасните места во светот за патување. Американскиот Стејт департмент силно ги обесхрабрува патувањата во земјата во своето најново предупредување од јули 2025 година, наведувајќи сериозни безбедносни закани, вклучувајќи тероризам, граѓански немири и ограничени конзуларни услуги.
И додека видеото прикажува насмеани туристи и бајковити пејзажи, прашањето е колку – ако воопшто – странски посетители ќе ја прифатат поканата на режимот кој со години е симбол на репресија, конфликт и екстремизам.
Иронично, промотивното видео повеќе личи на мешавина од сатира и црн хумор отколку на сериозна туристичка понуда – иако, очигледно, Талибанците не го гледаат тоа на тој начин.