Најостро предупредување на Русија од почетокот на војната: Секој брод што ќе плови кон украинските пристаништа од ноќеска на полноќ ќе биде воена цел
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека од полноќ на 20 јули сите бродови кои пловат низ Црното Море до украинските пристаништа ќе се сметаат за потенцијални превозници на воен товар!
– Земјите чии знамиња ги носат вакви бродови соодветно ќе се сметаат за вклучени во украинскиот конфликт на страната на режимот во Киев – се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.
Се наведува дека некои области во северозападните и југоисточните делови на меѓународните води на Црното Море се прогласени за привремено опасни за пловидба.
– Релевантни информативни предупредувања за повлекување на безбедносните гаранции на морнарите беа издадени на пропишан начин – додаваат од воениот оддел.
На 17 јули Русија ги извести Турција, Украина и ОН дека се противат на продолжување на договорот за жито што дозволува извоз од украинските пристаништа на Црното Море. Тоа значеше дека Москва ги повлекува гаранциите за безбедноста на пловидбата и го ограничува поморскиот хуманитарен коридор во северозападниот дел на Црното Море. Договорот за жито беше на сила нешто помалку од една година. Тој го воспостави алгоритамот за извоз на украински земјоделски производи по морски пат, а предвидува и отстранување на ограничувањата за извоз на руска храна и ѓубрива на светските пазари.
Москва постојано забележува дека договорот не функционира и дека украинското жито се испраќа првенствено во Европа, а не во сиромашните земји во Африка, додека рускиот претседател Владимир Путин договорот го нарече еднонасочна игра бидејќи ништо не е направено за Русија.