Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа помеѓу Санторини и Аморгос, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.
Според сеизмолошките служби, ова е најсилниот потрес во серијата земјотреси што го погодија регионот на Киклади.
Епицентарот на земјотресот е регистриран на 14 километри југозападно од Аркесини, на островот Аморгос, на длабочина од 17 километри, јавија грчките медиуми.
Земјотресот беше силно почувствуван и во Атика.
Можност за дополнителни земјотреси
Научниците предупредуваат дека сеизмичката активност во областа и понатаму е висока, а синоќа се регистрирани уште пет земјотреси со јачина од четири до пет степени според Рихтеровата скала.
– Не можеме со сигурност да кажеме дека ова беше главниот земјотрес. Сеизмичкиот феномен е сè уште динамичен и можни се дополнителни земјотреси – изјави директорот на Геодинамичкиот институт Васили Карастатис.
Опасност од лизгање на земјиштето во Санторини
Експертите укажуваат и на зголемениот ризик од лизгање на земјиштето на Санторини.
Истражувачки тим од Катедрата за геологија на Националниот универзитет во Атина укажа на присуството на слоеви на вулканска почва и геолошки формации склони кон лизгање на земјиштето.
Поради континуирана сеизмичка активност денеска ќе се одржи седница на Комитетот за проценка на сеизмички ризик на која ќе се донесат одлуки за натамошен мониторинг и мерки за заштита на населението.