“НА БАЛКАНОТ ЌЕ БИДЕ ТЕНЗИЧНО!“ – Драматично предупредување од врховниот командат на Романија: “Следна е Молдавија, а потоа и Русите би можеле да ни објават војна“
„Романија не е подготвена за потенцијална војна со Русија и мора да се подготви“, порача првиот човек на вооружените сили на таа земја.
„Да, населението на Романија, како и целото население на Европската унија, Европа, мора да биде загрижено“, истакна Георгита Влад во интервју за Europa Liberă România, пренесува Politico.
„Доколку Владимир Путин победи во Украина, главната цел ќе биде Република Молдавија. Ќе бидеме сведоци на тензија во Западен Балкан“, тврди Георгита Влад и додава: „Повеќе од убеден сум дека политиката на претседателот Владимир Путин ќе ескалира во блиска иднина“.
Георгита Влад се залагаше за воведување на доброволна воена обука за мажи и жени до 35 години. Генералот како причина за лошата подготвеност на Армијата го наведе укинувањето на задолжителната воена служба во Романија.
Георгита Влад, исто така, повика на правни реформи за зајакнување на одбраната на Романија од руските беспилотни летала. Остатоци од еден од беспилотните летала на Кремљ паднаа во Романија во септември минатата година, а дронот не можеше да биде соборен бидејќи романскиот закон не го дозволува тоа.
„Немавме борбени системи“, нагласува тој.
Неговиот повик за акција ги повторува сличните неодамнешни предупредувања од други западни воени и одбранбени водачи, вклучително и началникот на британската Армија, генерал Патрик Сандерс Минатата недела тој ги повика британските власти да ја „мобилизираат нацијата“ за да се подготват за можна војна со Русија.
Неодамна министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, изјави дека рускиот напад врз НАТО е „можен“ за „пет до осум години“. Холандскиот адмирал Роб Бауер, висок функционер на НАТО, исто така кажа дека воениот блок се соочува со „најопасниот свет во последните децении“.
„Руската Федерација стана проблем за светскиот поредок, за демократијата“, вели Георгита Влад и додава: „Всушност, тоа е војна на Русија со демократскиот свет. Ова не е војна со Украина“.
Официјална Москва, од друга страна, го минимизира значењето на западните обвинувања. Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, претходно оваа недела ги нарече „апсурдни“ тврдењата дека Русија нема да застане во Украина.
„НАТО е инструмент за конфронтација“, порача портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повторувајќи ја долгогодишната руска реторика, додавајќи дека Москва ги гледа воените вежби на НАТО како закана.