На децата им нудат 100 евра дневно за да почнат да убиваат: Моќни нарко – банди го заземаат Марсеј, луѓето во страв
Пристанишниот град Марсеј стана жариште на криминални активности. Две нарко банди, DZ Mafia и Yoda, се борат за превласт над градот и со тоа сеат страв и вознемиреност кај локалното население. Само во 2023 година, 49 лица загинаа, а 123 беа повредени во вториот по големина град во Франција, што е зголемување за 50 отсто во споредба со претходната година.
Всушност, забележан е пораст на сите видови криминал. Минатата година полицијата конфискуваше 740 парчиња оружје, вклучително и повеќе од 60 автомати, што е за 24 отсто повеќе од претходната година. Полицијата, исто така, уапси повеќе од 1.140 дилери на дрога во градот (26 проценти повеќе отколку во 2022 година).
Јода и мафијата ДЗ се борат за контрола над протокот на дрога низ пристаништето и над територијата на градот за шверц на дрога. Податоците од локалните власти покажуваат дека овие две банди се одговорни за најмалку 80 отсто од сите убиства во изминатата година. Овие нарко банди привлекуваат сè повеќе млади мажи во своите редови, кои се и најголемите жртви на насилство меѓу нив.
Има и малолетници
Од 56 обвинети за убиство или обид за убиство, шест биле малолетни, а 51 отсто биле на возраст меѓу 18 и 21 година. Криминалците почнуваат да регрутираат млади мажи додека сè уште се тинејџери; до нив допираат преку социјалните мрежи и им ветуваат плата од 100 евра дневно.
Некои од нив многу брзо напредуваат и за неколку години стануваат професионални убијци, заработувајќи по неколку илјади евра дневно. Наглото зголемување на бројот на малолетни жртви и сторители на кривични дела во моментов е главниот проблем со кој надлежните не можат да се справат.
Криминалните активности на бандите генерално се одвиваат далеку од деловните и туристичките области посетени од туристи, иако понекогаш невини случајни минувачи се убиени во конфликти со банди. Бандите претежно дејствуваат во сиромашните, северни делови на градот, кои се полни со барикади за да и’ отежнат на полицијата да ги спречи криминалците во бегство.
Жителите на населбите во кои дејствуваат бандите им рекоа на локалните новинари дека не сакаат да соработуваат со полицијата поради страв од одмазда и дискриминација. Во овие области живеат луѓе кои припаѓаат на верски и етнички маргинализирани групи. Невработеноста кај младите во тие населени места е двојно повеќе од националниот просек.
Уапсен лидерот на бандата
Светските медиуми почнаа поинтензивно да пишуваат за проблемот со насилството на бандите во Марсеј кога маскирани напаѓачи вооружени со автомати убија двајца затворски чувари на почетокот на овој месец во напад на комбе во северозападниот дел на земјата.
Напаѓачите удриле со својот автомобил во возило што превезувало затвореници и го ослободиле Мохамед Амр, познат како Мувата, кој бил поврзан со нарко – бандите во Марсеј. Нарко бандите очигледно станаа понервозни по неодамнешните операции за чистење низ земјата, односно големите полициски рации. Од почетокот на акцијата, пред околу два месеци, уапсени се повеќе од 80 лица осомничени дека припаѓаат на нарко организации. Во Мароко е уапсен и водачот на нарко бандата Јода Феликс Бингуи.
Францускиот претседател Емануел Макрон оваа година двапати го посети јужното пристаниште за да ја покаже волјата на властите да се борат со проблемот со дрогата. Инвестирани се милијарди во ангажирање на дополнителни полицајци и судски службеници. Сепак, неодамнешниот извештај на француските сенатори предупредува дека тоа не е доволно и дека може да дојде до зголемување на насилството и корупцијата меѓу полицијата и државните службеници доколку не се зголемат средствата за борба против наркотиците. Сенаторите велат дека Марсеј наскоро би можел да биде „запален“ од нелегални наркотици. Дилерите на дрога во Франција заработуваат меѓу три и шест милијарди евра годишно.