На компаниите што нема да платат данок на солидарност на 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките

Управата за јавни приходи на 6 ноември ќе достави опомени до оние компании кои го немаат платено данокот на солидарност, а доколку и потоа нема направено уплата на 24 ноември веќе ќе се пристапи кон блокирање на нивните сметки. Ова денеска го најави директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска на прес-конференција на која информираше за податоците од даночните пријави на граѓаните за 2022 година.

„Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите оние кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе преземеме мерки согласно законот за даночна постапка, односно согласно нашиот календар на 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, а доколку и потоа нема направено уплата на 24 ноември веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, рече Лукаревска одговарајќи на новинарско прашање.

Според податоците што ги презентираше Лукаревска пријавена обврска за плаќање на данокот на солидарност имале 150 даночни обврзници. Лукаревска рече дека вкупната сума на средства што се уплатени заклучно до денес е 2 210 108 927 денари.

Лукаревска рече дека уплата имаат направено 99 обврзници и потврди дека во останатите што го немаат подмирено долгот има јавни претпријатија.

Лукаревска додаде и дека на даночните обврзници кој ги опфаќа данокот на солидарност им бил објаснет начинот на плаќање односно дека тоа може да го направат на три рати заклучно до крајот на 2023 година или со еднократно одлагање до крајот на декември меѓутоа и таму, како што рече Лукаревска, треба да важат правилата дека или со банкарска гаранција или со движен или недвижен имот со кој Управата за јавни приходи би ставила соодветен залог.

Во однос на тоа што ќе се случи доколку Уставен суд донесе решение дека Законот за данок за солидарност е неуставен и дали уплатените средства ќе им бидат вратени на компаниите, Лукаревска рече дека одлука за постапување ќе донесат кога ќе го видат известувањето од Уставен и зависно од тоа какво ќе биде.

Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука.