Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа ( ОБСЕ ) е на работ на колапс и дека Западот ги убива шансите за заживување на таа организација.
Ова го изјави на самитот на ОБСЕ што се одржа во Македонија, пренесува Ројтерс.
Лавров додаде дека перспективите на организацијата се нејасни и потсети дека организацијата била уништена во 1999 година, пренесува Спутник.
„Крајот на биполарната конфронтација се чинеше дека го направи бесмислено постоењето на Атлантската алијанса. Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија против Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, Србија беше ограбена од Косово без никаков референдум”, истакна Лавров.
Тој потсети дека за нешто повеќе од една година Хелсиншкиот Завршен акт ќе наполни 50 години.
„Во тој поглед, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба и нејзините перспективи се нејасни “, рече рускиот министер.
Тој се осврна и на санкциите што Западот ги воведе кон Русија во неверојатна сума.
„Во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, рече тој.
Тој додаде дека се добива впечаток дека ЕУ ги напуштила првичните цели на нејзините креатори за подобрување на благосостојбата на земјите-членки и се претворила, главно преку напорите на бриселската бирократија, во агресивен геополитички проект.