На Јокиќ му исчезнал МВП трофејот: Го оставив во соблекувалната, кога се вратив го немаше

За време на големата прослава на Денвер по освојувањето на НБА лигата, Никола Јокиќ го загубил трофејот за МВП на финалето.

Јокиќ ја освои наградата за МВП на финалето откако го предводеше Денвер до титулата во финалната серија со 4-1 против Мајами.

Во пет натпревари, српскиот центар имаше просек од 30,2 поени, 14 скока, 7,2 асистенции и 1,4 блокади со одлични проценти на шут. Тој шутираше 58,3 отсто од поле и 42,1 отсто од тројка.

Сепак, тој не се појави на прес-конференцијата со МВП трофејот, а дури подоцна објасни зошто тоа се случило.

„Не знам каде ми е трофејот. Го оставив во соблекувалната, а кога се вратив го немаше. Се надевам дека ќе ми се појави дома“, изјави Јокиќ.