На 11 јули погреб на уште 30 жртви на геноцидот во Сребреница: погребани ќе бидат син покрај татко, брат покрај брат
Посмртните остатоци на 30 жртви на геноцидот извршен во Сребреница летото 1995 година се подготвени да се закопаат на колективниот погреб на 11 јули на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, потврди за Агенција Анадолу портпаролката на Институтот за исчезнати лица од Босна и Херцеговина, Емза Фазлиќ.
„Можам слободно да кажам дека овој список е конечен. Во Подриње со проектот за идентификација во Тузла се наоѓаат посмртните остатоци на уште 55 жртви од геноцидот кои се идентификувани со ДНК-метода, меѓутоа семејствата сѐ уште не го потпишаа записникот, односно дека го прифаќаат тој ДНК-наод за тој процес на идентификација официјално да се заврши“, изјави Фазлиќ.
Исто така, има и посмртни остатоци на уште 14 жртви кои се идентификувани со помош на ДНК-метода и од страна на самите семејства, меѓутоа и тие семејства сѐ уште не дале согласност за закопување.
„Причина за тоа е некомплетност на скелетот. Семејствата не се подготвени да закопаат мал број посмртни остатоци и се надеваат дека во следните години ќе се пронајдат уште делови од скелетот на жртвите“, појасни Фазлиќ.
Меѓу жртвите што ќе бидат закопани оваа година ќе има и 4 малолетници.
„Според досега собраните согласности, најмладата жртва која ќе биде закопана е момчето Елвир Салчиновиќ, кој имал 15 години кога бил убиен. Убиен е на подрачјето на Баљковица, а неговите посмртни остатоци се ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник 2001 година. Иако е идентификуван уште 2011 година, неговото семејство сѐ до оваа година не можеше да собере сили да го закопа Елвир. Тој конечно ќе го најде својот спокој покрај својот татко Тураби и брат Алмир, кои во Поточари се погребани 2003, односно 2011 година“, рече Фазлиќ.
На 11 јули ќе бидат погребани и двајца 16-годишници, Мустафа Меканиќ и Есад Клемпиќ.
„Нивните посмртни остатоци се ексхумирани во текот на 2001 година на различни локации, на подрачјето на Глогов и Каменица. И тие се идентификувани одамна, во 2008, односно 2013 година, меѓутоа дури сега добивме согласност за нивно погребување. Уште еден малолетник ќе го најде својот спокој, а станува збор за Семир Ѓозиќ. Тој имал 17 години кога е убиен, а неговите посмртни остатоци се ексхумирани во 2002 година“, изјави Фазлиќ.
Фазлиќ истакна дека сите жртви кои ќе бидат закопани оваа година се во роднинска врска со некои од над 6.000 жртви на геноцидот во Сребреница кои претходно се погребани во „долината на бели нишани“ во Поточари.
„Кога во прашање е најмладата жртва, односно Елвир, тој ќе биде закопан покрај својот брат и татко кои се погребани во 2003 година, односно 2011 година. Секоја година својот спокој во Поточари го наоѓаат татко и син, браќа, секоја година тоа се роднини…“, појасни Фазлиќ.
Сите жртви кои ќе бидат закопани на гробиштата во Поточари покрај Сребреница оваа година се ексхумирани и идентификувани во претходните години.
„Некои од жртвите се ексхумирани далечната 1998 година, а дури сега ќе го најдат својот конечен мир. Само две жртви се ексхумирани минатата година“, рече Фазлиќ.
Незир Муминовиќ е најстарата жртва на геноцидот во Сребреница, кој ќе биде погребан оваа година. Тој имал 65 години кога бил убиен, а неговите посмртни остатоци се ексхумирани на подрачјето на Каменица 2007 година.
Во разговор за Анадолу, Фазлиќ рече дека главно станува збор за некомплетни тела и дека посмртните остатоци се ексхумирани на различни локации и во различно време.
„Постои можност, без разлика што ќе бидат погребани оваа година, да се направи реексхумација и во нивните случаи“, појасни Фазлиќ.
Секоја година, по колективниот погреб во Поточари на жртвите на геноцидот во Сребреница извршен 1995 година, следуваат и реексхумации на претходно погребаните жртви поради додавање на дополнително пронајдените посмртни остатоци.
„Оваа година ќе се отворат 71 мезар (гроб). Во просториите на Подриње на идентификацискиот проект се наоѓаат околу 400 посмртни остатоци кои исто така чекаат на процесот на реексхумација и реасоцијација. Меѓутоа, се соочуваме со проблеми во тие процеси, бидејќи семејствата на жртвите кои веќе ги закопале своите најмили во голем број се отселиле, ја смениле својата адреса, телефонските броеви и едноставно не е можно да се стапи во контакт со нив за да се идентификуваат овие посмртни остатоци и да дадат согласност за реасоцијација“, појасни Фазлиќ.
Институтот за исчезнати лица од Босна и Херцеговина апелира до сите оние членови на семејствата на жртвите на геноцидот кои изминатите години ги закопале своите најмили и кои знаат дека нивните тела се закопани нецелосни, да ги контактираат, да се јават во Институтот и да остават број за контакт и податоци за да може на тој начин да се заврши овој процес и дополнително пронајдените посмртни остатоци да бидат погребани со оние кои се претходно погребани.
„Трагаме по уште речиси 1.000 жртви на геноцидот во Сребреница. Мораме да имаме во вид дека имаме посмртни остатоци кои веќе се идентификувани во Подриње, но не е завршен комплетно процесот. Имаме и посмртни остатоци на 92 жртви за кои со сигурност знаеме дека се жртви на геноцидот, бидејќи се ексхумирани од масовни гробници во кои се пронајдени жртви на геноцидот. Но станува збор за жртви кои не се идентификувани. Најверојатно станува збор за жртви чие цело семејство е убиено, па нема кој да даде крв и врз основа на тоа да бидат идентификувани“, рече Фазлиќ.
Таа мисли дека целиот процес на трагање по исчезнатите лица се наоѓа во многу сложена фаза.
„Но, веруваме дека исчезнатите ќе бидат пронајдени и на тоа работиме секојдневно“, додаде Фазлиќ.