На 22-ри мај прегласување на седум избирачки места за парламентарните избори

Прегласувањето на седумте избирачки места во петтата и шестата изборна единица ќе се одржи на 22 мај соопшти вчера на седница Државната изборна комисија по одлуките на Управниот суд кој ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на ДИК.

Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, вчера на итна седница заседаваше претседателството на ДУИ, по чие завршување само кусо беше соопштено дека ставот по ова прашање партијата ќе го гради со коалициските партнери. Пред одржување на седницата претседателот на ДУИ Али Ахмети истакна дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места.

ДИК вчера на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.

ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.