На 23 август почнува јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, во сабота на 23 август започнува јавниот увид во Избирачкиот список, кој ќе трае до 11 септември на полноќ.

Граѓаните во овој период можат да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци во списокот до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и електронски. Исто право имаат и лицата во притвор или затвор, кои барањата ги поднесуваат преку надлежните органи. ДИК е должна да одговори во рок од 24 часа, а против одбивачко решение може да се поднесе тужба до Управниот суд, кој одлучува исто така во рок од 24 часа.

Политичките партии најдоцна до 11 септември може да побараат копија од Избирачкиот список, кој ДИК ќе им го достави најдоцна до 14 септември. Потоа, до 19 септември, партиите имаат можност да достават забелешки за евентуални промени во податоците.

До средината на септември, ДИК добива дополнителни информации од МВР, судовите, затворите и социјалните установи за лицата со нови лични документи, за оние кои ќе наполнат 18 години до изборите, за лицата во притвор, во установи за згрижување или со одземена деловна способност.

Заклучувањето на Избирачкиот список ќе се изврши најдоцна на 26 септември, а конечната верзија ќе биде потпишана од ДИК до 3 октомври, 15 дена пред изборите.