Во вторник на 28 мај од 11 часот е закажана Конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија, на која ќе се верификуваат мандатите на новиот собраниски состав.
Оваа прва седница на новоизбраните пратеници може да трае до три дена, по што се врши и избор на Претседател на Собранието. На тој начин се исцртува и новото мнозинство во Собранието, за што се потребни 61 пратеник од вкупно 120 пратенички мандати.
По прегласувањето на дел од избирачките места Државната изборна комисија ги објави и првичните променети резултати според кои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 58 пратеници, а ВЛЕН нивниот посакуван партнер за ново мнозинство и Влада ќе има 14 пратеници.
Опозициски ќе делуваат најверојатно пратениците на коалицијата предводена од СДСМ со 18 мандати и коалицијата предводена од ДУИ исто така со 18 мандати по неодамнешното прегласување.
ЗНАМ на Максим Димитриевски која има 6 мандати се очекува да биде дел од новата Влада, и заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да имаат над 80 пратеници, доволно за исполнување на двотретинско мнозинство и промена на дел од Уставот и системот на организација на Владата.
Опозициски исто така ќе делува и Левица, која на последните избори освои 6 мандати и за првпат ќе формира пратеничка група.
Засега меѓу новите владини партнери се уште нема информација кој ќе биде нов собраниски спикер, со што официјално се потврдува потенцијалот на новото собраниско мнозинство, кое потоа ќе треба да гласа и за новата влада.
Мандат за составување Влада од претседателката Гордана Силјановска Давкова се очекува да добие Христијан Мицкоски како победник на изборите.