Пензионерите во Македонија повторно ќе протестираат. Бараат оставка од досегашната претседателка на Здружението на пензионери Станка Трајковска. Според пензионерите од Штип, Кочани и Свети Никола, кои со месеци протестираа и бараа линеарно зголемување на пензиите, Трајковска ги изневерила нивните барања и ги оставила тие пензионери со минимални примања, како што велат, на работ на егзистенција.
Тие повикуваат на масовен протест да се одржи на 3 септември во Скопје.
Станка Трајковска за ТВ24 вели дека не гледа причина да поднесе оставка, бидејќи како што истакна, Здружението во изминатиот период барало прогресивно зголемување на пензиите, но имаат и низа други предлози за подобрување на материјалната состојба на пензионерите.
Барањето за покренување истрага за финансиското функционирање на Здружението е доставено до повеќе државни органи, тврдат пензионерите, бидејќи се сомневале дека тоа не се прави според законот.
Покрај оставка, пензионерите бараат и измени и нови закони во делот на зголемување на пензиите, процедурата со која се избира претседателот на Здружението на пензионери, како и времетраењето на неговиот мандат.
Инаку, исплатата за 2.500 денари линеарно зголемување на пензиите започнува од септември, додека од март следната година пензионерите ќе добијат нови 2.500 денари