Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против мајката на 6-месечно бебе кое на 12 јули беше пронајдено оставено на клупа на улицата „8 Септември“. Бебето го забележал случаен минувач и го однел во ЈЗУ Општа болница Велес, каде било примено во тешка општа здравствена состојба.
-Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издаде наредби за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврди дека сега осомничената е биолошка мајка на бебето, која со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување го запуштила своето новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. По приемот во велешката болница, таа на кратко го посетила бебето, по што си заминала и не се вратила. Поради тоа постои основано сомнение дека со ваквите дејствија таа сторила кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од ОЈО и додаваат:
-Кај хоспитализираното бебе било констатирано тешко нарушување на здравствената состојба, што надлежниот јавен обвинител го документираше со соодветна медицинска документација и вешт наод, а испитан е и сведокот кој го пронашол оставеното дете. Против осомничената, која е во бегство и недостапна на адресата на која престојувала во Велес, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот е прифатен, а притворската мерка ќе започне да се применува веднаш по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода. Детето е ставено под старателство на Центар за социјална работа и сместено во установа за згрижување деца без родителски надзор, се вели во соопштението од ОЈО.