По неколку дена навидум мир, земјата во и околу Неапол повторно почна силно да се тресе. Во понеделник, неколку минути пред 13 часот, беше регистриран земјотрес со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала.
Според италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), епицентарот на земјотресот бил во морето, во близина на градот Баколи, на длабочина од 4,9 километри. Иако не се случил на копно, земјотресот бил почувствуван во поширокото подрачје на Флегрејските полиња, како и во самиот Неапол.
„Куќите се нишаа како да се направени од хартија“, рече еден жител од историскиот центар на градот. Иако земјотресот предизвика непријатност и страв кај граѓаните, според досегашните информации, тој не предизвика голема материјална штета.
Регистрираниот земјотрес со магнитуда од 4,6 степени е најсилниот земјотрес во областа Флегрејски полиња во последните четири децении. Градоначалникот на Баколи, Јоси дела Рагионе, потврди дека земјотресот предизвикал уривање на дел од гребенот на островчето Пената, но немало дополнителни последици.