Неверојатно археолошко откритие: христијански крст стар 1.400 години е пронајден во Абу Даби ФОТО

Потврдено е дека на местото старо 1.400 години имало црква и манастир.

На истото место – Сер Бани Јасу (остров во Обединетите Арапски Емирати), археолозите првично откриле куќи во близина на црква и манастир, за кои било утврдено дека датираат од седмиот и осмиот век. Експертите верувале дека куќите се некако поврзани со црквата, но немале конкретни докази – сè до сега.

„Ова е многу возбудливо време за нас“, вели Марија Гајевска, археолог во Одделот за култура и туризам на Абу Даби. „Досега немавме конкретен доказ дека овие куќи биле населени од христијани“.

Патем, археолошкиот тим ги започна првите ископувања на ова место во 1992 година, кога беа ископани девет мали куќи со дворови. Островот Сер Бани Јас се наоѓа 170 километри југозападно од Абу Даби. 

Археолозите се вратија на локацијата за дополнителни ископувања и пронајдоа крст висок приближно 30 сантиметри на гипсана плоча во дворот на една од куќите, потврдувајќи ја претпоставката дека Сер Бани Јас – кој се смета за еден од бастионите на христијанското богослужение во регионот пред 1.400 години – имал прилично голем број мисионери.

Гајевска рече дека крстот е доволен за „сега да се докаже дека овие куќи биле дел од христијанската населба“.

Според неа, во тие куќи веројатно живееле постари монаси, кои се повлекувале во осаменост и се молеле, пред да се вратат во манастирот кај своите браќа.

Сир Бани Јас бил само едно од местата на христијанско богослужение во регионот во тој период, според преведеното соопштение од Канцеларијата за медиуми на Абу Даби. Христијанството се проширило низ Арапскиот Залив помеѓу 4-ти и 6-ти век, пред доаѓањето на исламот во 7-ми век. Муслиманите и христијаните живееле на Сир Бани Јас сè додека манастирот не бил напуштен во 8-ми век.

Новите ископувања „ни помагаат подобро да ја разбереме природата на животот и односите што ги поврзувале жителите на островот со околните региони“, изјави археологот Хаџар Хасан Алменхали од Одделот за култура и туризам – Абу Даби во видео.

Археолозите планираат да продолжат со работата на куќи со дворови. Локацијата на црквата и манастирот во Сир Бани Јас е отворена за јавноста.