Десет пожарникари загинаа, а 14 се повредени при гаснење пожар во централната турска покраина Ескишехир, изјави во среда турскиот министер за земјоделство и шумарство Ибрахим Џумакли.
Пожарникарите и спасувачите се борат со пожарот во населбата Сејтигази од раните утрински часови, објавува „Јутарњи лист“.
Седум пожари сè уште беснеат во пет централни и западни турски провинции, рече министерот.
На Кипар , во средата, пожарникарите се бореа со огромен шумски пожар што предизвика евакуација на најмалку четири села.
Властите соопштија дека пожарот беснее во област северно од Лимасол, разгорен од силни ветрови и високи температури.
Портпаролот на противпожарната служба изјави дека пожарот предизвикал „значителна штета“ на домовите во областа позната по своите лозја.
Кипар побара помош од ЕУ а Јордан исто така ќе ја испрати.
Температурите на Кипар достигнаа 43 степени Целзиусови во среда. Во четврток треба да се искачат на 44 степени, што би била највисоката температура оваа година.