Веќе со месеци се зборува за влошување на состојбата на германскиот пазар на недвижности, бидејќи градежништвото значително забави – додека побарувачката расте. Се разбира, еден од најголемите проблеми се цените, но тука е работата e нетипична: цените и бројките паѓаат, што е добро за граѓаните, но не им се исплатува на инвеститорите да градат.
Како што неодамна изјави Константин Колодилин од Германскиот институт за економски истражувања (DIW), „балонот пукна“.
– До лани имаше шпекулативен ценовен меур во Германија, еден од најголемите во последните 50 години. Оттогаш цените паѓаат.
Цените на недвижностите во Германија, според тоа, продолжија да се движат надолу и во третиот квартал од 2023 година беа за 10,2 отсто пониски во споредба со истиот период минатата година.
Се вели дека тоа е лош знак за секторот на недвижности во најголемата европска економија. Станува збор за четири последователни тримесечни падови на цените, што не се случило од 2000-та година, а актуелната криза на германскиот пазар на недвижности се толкува како најголема во последните неколку децении.
Инаку, самиот сектор на недвижности е просперитетен во целиот свет, а со години цвета благодарение на ниските каматни стапки и високата побарувачка… Сепак, наглиот пораст на каматите и трошоците за живот стави крај на тој тренд.
Падот на цените на семејните куќи во поголемите германски градови во третиот квартал изнесува 12,7 отсто, додека цените на становите се пониски за 9,1 отсто. Дополнително, нарачките за градба во октомври се намалени за 6,3 отсто во однос на септември.
Германската асоцијација на градежната индустрија наведува дека секторот за изградба на станбени згради е на пат кон дополнително намалување на бројот на работни места. На крајот на октомври тие предупредија дека губењето на работните места во таа област се заканува да предизвика бран стечајци и затворање на голем број бизниси.
Потсетуваме дека австриската компанија за недвижности Signa Group , која е многу присутна во Германија, поднесе барање за стечај во ноември.