Деменцијата може да биде тешка дијагноза за засегнатото лице и нивните најблиски. Станува збор за синдром кој предизвикува постепено влошување на когнитивните функции, вклучувајќи ја меморијата, размислувањето и способноста за извршување на секојдневните активности. Многумина од нас се свесни за некои од почестите и попознати знаци. Сепак, експертите велат дека најраните знаци на деменција можат да бидат „изненадувачки“ и често се посуптилни од очекуваното.
Според невропсихологот д-р Кетрин Ранкин, секоја промена во вообичаеното однесување или способности на една личност може да биде причина за загриженост. Иако овие симптоми треба да поттикнат посета на лекар, д-р Ранкин вели дека е важно да се забележи дека тие не се знаци на деменција освен ако не се промена во нечие претходно однесување. Таа истакна три изненадувачки знаци на деменција кои лесно може да се занемарат.
1. Почесто паѓање
Студија од 2021 година покажа дека постарите луѓе кои подоцна ќе развијат Алцхајмерова болест имаат поголема веројатност да доживеат повеќе падови во годините пред дијагнозата отколку оние кои ја немаат оваа болест.
„Луѓето ќе дојдат во нашата канцеларија загрижени затоа што заборавиле што имало на нивниот список со намирници минатата недела, но кога нивниот партнер ќе каже дека паднале четири пати во последната година, тоа е знак на неволја“, изјави д-р Ранкин за Дејли Експрес. Редовните паѓања може да бидат и симптом на други мозочни нарушувања.
2. Непочитување на законот и општествените норми
Деменцијата може да предизвика некои луѓе да го изгубат чувството за општествените норми и законот. Според истражувањето објавено во 2020 година, луѓето со оваа состојба исто така може да се однесуваат несоодветно во врските, да даваат несоодветни сексуални коментари, да вршат несоодветни дејства или дури и да се вклучат во криминално однесување.
Ова може да доведе до кршење на законот, па дури може да ги погоди и оние на возраст од триесет и четириесет години, кога необичното однесување би се сметало за знак на деменција, според невропсихологот.
„Очигледно е дека повеќето луѓе кои се однесуваат вака немаат деменција. Само кога некој граѓанин, кој претходно го почитувал законот, ќе почне да краде или да прави други работи кои не се во неговиот карактер, тоа станува проблем и може да укаже на деменција” објаснува д-р Ранкин.
3. Јадење предмети и расипана храна
Јадењето предмети или храна со истечен рок исто така може да биде изненадувачки симптом. На пример, лице со деменција може да се обиде да јаде цвет од маса во ресторан, вели невропсихологот.
„На пример, тоа може да се случи затоа што овие луѓе знаат дека се таму за да јадат, но не разбираат што прави цветот таму“, заклучи таа.