Неговите очи и уши: Трамп ги именуваше Сталоне, Гибсон и Војт како „специјални пратеници“ во Холивуд
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ги назначи актерите Мел Гибсон, Џон Војт и Силвестер Сталоне за негови специјални пратеници во Холивуд.
Трамп ја објави оваа одлука на платформата Truth Social, наведувајќи дека тројцата актери, кои отворено го поддржуваат, ќе работат како негови амбасадори за да го направат Холивуд „поголем, подобар и посилен од кога било досега“, пренесува Sky News.
„Голема чест е да го објавам именувањето на овие три многу талентирани луѓе. Тие ќе служат како мои специјални пратеници за да помогнат Холивуд, кој изгуби многу бизнис во странство во последните четири години, да се врати на врвот!“ напиша Трамп..
Новоизбраниот претседател, кој во понеделник ќе ја преземе функцијата од сегашниот претседател Џозеф Бајден, нагласи дека Гибсон, Војт и Сталоне ќе бидат „неговите очи и уши“ во Холивуд и дека ќе го спроведе она што тие го предлагаат.
„Холивуд повторно ќе го доживее своето златно доба, како и самите Соединети Држави!“, рече Трамп.
Гибсон, кој неодамна го загуби својот дом во пожарите во Лос Анџелес, рече дека е изненаден од веста, но дека ќе биде посветен на својата нова улога.
„Моја должност е како граѓанин да ја пружам сета помош што можам“, рече тој, шегувајќи се дека се надева дека ќе добие и државјанство заедно со позицијата.
Холивудската продукција настрада во последниве години поради пандемијата на корона вирусот, протестите на филмските и телевизиските синдикати во 2023 година, како и пожарите што го зафатија Лос Анџелес.
Податоците на организацијата „ФилмЛА“ покажуваат дека производството во Лос Анџелес во 2023 година се намалило за 5,6 отсто во однос на претходната година, што е најниско ниво од 2020 година.