Недостигот од 20.000 учебници во Тетово за Јаневска не е реален: Не ги пријавувале оштетените учебници за да ги поштедат родителите
Големо недоразбирање е проблемот со недостигот на учебници во Тетово откога општинските власти јавно се пожалија дека во училиштата недостигаат 20.000 учебници, па родителите фотокопираат за да имаат децата од што да учат. Министерската за образование и наука, Весна Јаневска, денес, пред почетокот на завршната конференција на ИПА-проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“, уште еден посочи дека Министерството испорачало онолку учебници колку што побарале училиштата, а кои за да ги поштедат родителите, не ги пријавиле оштетените учебници.
„Жал ми е што морам да кажам дека ова е едно големо, големо недоразбирање. Министерството за образование и наука во ниеден момент не може да знае колку учебници им требаат на училиштата доколку тие тоа не го пријават. Постои електронски систем, кој на крајот на годината се вклучува. Ние им праќаме допис, ги информираме училиштата дека го вклучуваме електронскиот систем за тие да пријават зголемен број ученици или потреба од дополнување оштетени учебници“, рече министерката Јаневска.
Министерството годинава дало и дополнителен процент учебници, кои биле распоредени во училиштата, а кој бил релативно низок поради законските одредби. Јаневска вината за непријавените оштетени учебници ја гледа во училиштата.
„Ако добро ги следите изјавите на вработените во Општината, претпоставувам одговорни за образованието, тие самите велат дека ги поштедиле родителите. Законот предвидува, ако учебникот е оштетен, родителот треба да исплати сума за обнова на учебник од 10 до 70 %, во зависност од оштетувањето. Тие ги поштедиле родителите од за мене непознати причини, тие треба да си кажат зошто, и не ги пријавувале оштетените учебници. Но, анализата на Министерството за образование вели дека недостигот ба учебници што тие го спомнуваат навистина не е соодветен на реалноста“, рече министерката Јаневска.
Раководителот на секторот за јавни дејности во Општина Тетово, Назми Даути, кој рече дека во училиштата недостигаат дури 20.000 учебници, побара да се најде начин училиштата да се снабдуваат со нови книги барем на секои две години. За него, проблем е тоа што директорите на училиштата и наставниците не ги пријавуваат оштетените учебници за не дојдат во конфликт со родителите оти законски, ако детето оштети учебник, родителот треба да го надомести.