Некогаш најбогатиот Русин со шокантни тврдења: “ЗНАМ КОГА РУСИЈА ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ПАРИ!“

Рускиот милијардер и индустријалец Олег Дерипаска тврди дека Русија би можела да остане без пари следната година, пишува The Guardian.

Веќе следната година нема да има пари. Ќе ни требаат странски инвеститори“, изјави Дерипаска во четвртокот на инвестициската конференција во Сибир.

Некогаш најбогатиот Русин, кој беше санкциониран од Велика Британија, Европската унија и Соединетите Американски Држави поради војната во Украина, изјави дека паричната маса во државниот буџет се топи и дека владата „почнала да зема средства“ од него и другите како него.

Дерипаска кажа дека поради санкциите воведени од Западот, Русија е под „голем притисок“ и дека државата и нејзините компании ќе мора да се обратат кон други земји за„сериозни пари“ за помош.

Мислевме дека сме европска земја“, кажал Дерипаска, основач на Русал, најголемиот светски производител на алуминиум надвор од Кина. „Во следните 25 години повеќе ќе размислуваме за нашето азиско минато“, додал милијардерот.

Тврдењата на Дерипаска доаѓаат откако Scope, европската агенција за кредитен рејтинг, предупреди дека дефицитот на Русија може да се искачи на 3,5 отсто од БДП. За споредба, руската влада процени дека ќе изнесува околу два отсто. Официјалните податоци велат дека рускиот дефицит лани бил 2,3 отсто.

Scope соопшти дека тоа е затоа што приходите на Русија од продажбата на нафта и гас се намалени. „Санкциите и војната ја ограничуваат фискалната флексибилност на Русија“, додава агенцијата за кредитен рејтинг.

Русија во моментов може лесно да го финансира својот дефицит користејќи го националниот инвестициски фонд. До крајот на 2024 година, рускиот дефицит би можел да биде само 3,7 отсто. На крајот на 2021 година тој изнесуваше 10,4 отсто од БДП“, соопшти агенцијата.

Scope исто така објави дека Русија долго време ќе биде во неволја бидејќи сега троши огромни суми пари на војна. Агенцијата додава дека тоа се пари кои вообичаено би ги инвестирала во инфраструктура, дигитализација, домување и заштита на животната средина.