Некогаш речиси безвреден, Трабантот е сѐ побаран и скап олдтајмер

Шеесет години откако оживеа, малиот комунистички источногермански автомобил Трабант 601, кој стана познат во времето на падот на Берлинскиот ѕид, е баран олдтајмер, а неговата цена рапидно се зголемува.

„Просечната цена на добро сочуваниот Трабант 601 се искачи на околу 7.300 евра, а неговата вредност само се зголемува“, изјави експертот Герд Хајнеман од германската компанија BBE Automotive.

Тоа е неверојатен пресврт за кревкиот автомобил, кој некогаш беше предмет на глобален потсмев поради неговиот слаб двотактен мотор и облаците од издувни гасови со непријатен мирис.

Трабант 601 стана икона во 1989 година кога стотици автомобили почнаа да се тркалаат преку границата помеѓу тогашната Источна и Западна Германија.

Но на многу други љубители на автомобили ќе им биде тешко да бидат воодушевени од 23 коњски сили на Трабантот, неговото воздушно ладење, „вртоглавата“ максимална брзина од 100 км/ч и каросеријата направена од пластика.

Затоа, неговата привлечност лежи во двата големи, тркалезни фарови кои му даваат симпатичен изглед налик како од анимиран филм.

Нивниот број расте

Бројките на германскиот Авто клуб покажуваат дека бројот на регистрирани Трабант 601 расте веќе десет години.

Во 2014 година имало нешто повеќе од 32.000, а лани била надмината бројката од 40.000.

Четири петтини од нив се на истокот на земјата.

„Повторниот увоз е одговорен за тоа што во Германија има сѐ повеќе трабанати“, објаснува експертот Хајнеман.

Многу од автомобилите биле вратени од поранешните комунистички земји како Полска и Унгарија, каде што некогаш биле вообичаени.

Денес најмногу им се допаѓа на механичарите „направи сам“ и носталгичарите за деновите на поедноставна„ вожња“.

Автомобилот може лесно да се поправи, па добар сет на алатки е доволен за се што ќе се расипе.

Но не сите го делат ентузијазмот на фановите на Трабант.

Германската еколошка организација Deutsche Umwelthilfe е загрижена за издувните гасови од двотактните мотори.

Автомобилот работи на еколошки несоодветна мешавина од нафта и бензин и, се разбира, нема катализатор за согорување на штетните емисии.

Главните проблеми се нецелосно изгорените јаглеводороди и јаглерод моноксидот.

„Повикуваме на забрана за возење стари и нови возила без ефективно прочистување на издувните гасови“, се наведува во соопштението на организацијата.

Историско возило

Но Трабант и другите класични автомобили се регистрирани како историски возила, така што тие можат да возат во зони со ниски емисии во големите градови каде што вообичаено важат строгите прописи за чистота на воздухот.

„Тоа не е оправдано, бидејќи придонесуваат за загадување на воздухот, а со тоа и за здравствените ризици“, тврди Deutsche Umwelthilfe.

А во меѓувреме, многу Трабанти редовно се гледаат на улиците на Берлин, каде што компанија за изнајмување недалеку од поранешниот граничен премин Чарли ги издава на туристи.

Тоа е потсетник на славните денови на германското обединување во ноември 1989 година, кога автомобилите и нивните зачудени сопственици беа срдечно пречекани низ Западна Германија.

Берлинскиот ѕид се рушеше среде облак остар чад што извираше од ауспух тенок колку прст.