“НЕМА ДА ТОЛЕРИРАМЕ НОВИ БАРАЊА ОД БРИСЕЛ“ – Реџеп Таип Ердоган лут на Европската Унија: “Чекавме 40 години…“
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека неговата земја не очекува ништо повеќе од Европската унија, пред чии врати е веќе 40 години.
Во својот говор пред пратениците на инаугуративната седница по летната пауза, Реџеп Таип Ердоган исто така нагласи дека неговата земја ги исполнила сите ветувања што му ги дала на Брисел, додека другата страна не исполнила речиси ниту едно.
„Турција веќе не очекува ништо од Европската унија, на чија врата чека 40 години. Ние ги исполнивме сите ветувања што и ги дадовме на Европската унија, а тие не исполнија речиси ниту едно. Нема повеќе да толерираме нови барања од Брисел или поставување услови во процесот на пристапување. Ако ЕУ не попушти со воведувањето на визите, кои ги користат како латентни санкции, ако не ги поправат грешките, целосно ќе го изгубат правото да изразуваат политички, социјални, економски или воени очекувања во нашата земја“, порача Реџеп Таип Ердоган.
Тој додаде дека ако Европската унија има намера да го запре процесот на пристапување, кој постои само на хартија, тоа ќе биде нивна одлука.
„Султанот“ е лут, меѓу другото, и на последната пресуда на Европскиот суд за човекови права во која се критикуваат властите во Анкара дека пресудиле дека турски државјанин е член на терористичка организација само поради користење на апликацијата ByLock, која се користи за испраќање шифрирани пораки.
Турските власти тврдат дека шифрираната апликација за пораки ја користат водачите на неуспешниот државен удар во 2016 година, во кој загинаа повеќе од 250 луѓе и доведе до масовни апсења и чистки во Армијата и полицијата, без преседан во модерната историја на Турција.
Владата го обвини Фетула Ѓулен, поранешен сојузник на Реџеп Таип Ердоган, за обидот за државен удар.
„Одлуката на Европскиот суд за човекови права е последната капка. Припадниците на терористичката организација и нивните поддржувачи, кои се охрабрени од оваа одлука, не треба напразно да се надеваат. Таа одлука нема да донесе никакво олеснување за криминалците. Турција нема да се откаже во борбата против таа банда предавници, нема да дозволи никакво враќање во минатото“, нагласи Реџеп Таип Ердоган.
Турција официјално аплицираше за членство во ЕУ уште во 1987 година, а кандидатскиот статус го доби во 1999 година. Преговорите за пристап беа отворени во 2005 година, но беа прекинати во 2016 година.