Нема кадровска криза во СДСМ, вели Филипче по коментарите за новото раководство на партијата

Изборот на нов заменик-претседател и генерален секретар на партијата се случија минатата недела, речиси пет месеци по изборот на Венко Филипче за нов претседател на СДСМ. Изборот на ново раководство не траело долго, тврди новиот шеф на социјалдемократите, туку се барале свежи и најдобри можни кадри, во процес на широки констултации во партијата
Членството, симпатизерите и граѓаните очекуваа да се донесат нови луѓе на раководните места во партијата, а тоа подразбираше разговори со стотици наши членови, поддржувачи и луѓе кои никогаш не влегле во политичката партија. Така вели претседателот на Социјалдемократскитот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, откако партијата избра ново раководство, но дури пет месеци по неговиот избор за претседател.

Во тие консултации биле разгледани и кадри кои во минатото биле тргнати настрана, а вредат, па според Филипче периодот од пет месеци не е предолг. На новинарско прашање дали има кадровска криза во СДСМ, Филипче вели – напротив, станува збор за ширење на платформата со вклучување на луѓе коишто вредат.

Фани Каранфилова-Пановска, претходно не била членка на СДСМ, сега станува број два во партијата. Генералниот секретар Александар Димитриевиќ има партиски стаж, ама јавноста не го знае или барем пошироката јавност не го знае. Оттука овие коментари за тоа дека веројатно имавте проблем да стигнете до екипирање на раководството?

Венко Филипче: Не би рекол проблем, туку предизвик да се направи еден тим којшто ќе биде различен, којшто ќе биде спој на искуство и младост и тим којшто допрва ќе ја освои политичката сцена кај нас. Генералниот секретар беше одличен менаџер на симулацискиот центар, којшто е центар етаблиран и од Медицинскиот факултет во Скопје и од Министерството за здравство и од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Штип и се покажа како одличен менаџер. И заменичката Фани Каранфилова-Пановска, која со години наназад работи во една општествена сфера, подобрувајќи ги условите во делот на социјалата, во делот на образованието, во делот на здравството, пред сè за некои маргинализирани категории. Таа е неуморен работник, навистина голем професионалец со многу добра професионална работна навика, што мислам дека одлично ќе биде имплементирана и во партијата“, рече Филипче.